Новак Ѓоковиќ изјави дека не е на него да одлучува дали е најдобриот тенисер во историјата, откако ја освои рекордната 23. гренд слем титула со победата на Ролан Гарос. Севкупно, тој вчера се израмни со Серена Вилијамс, а на претстојниот Вимблдон би можел да го достигне рекордот на Маргарет Корт од 24 гренд слем титули.
„Не сакам да влегувам во тие дискусии, јас ја испишувам мојата сопствена историја. Не сакам да кажам дека јас сум најголемиот. Ги оставам тие дискусии на другите“, изјави 36-годишниот Ѓоковиќ.
Во изминатите години тој водеше жестока трка со Роже Федерер и Рафаел Надал за тоа кој ќе има најмногу гренд слем титули. Федерер се повлече со 20, Надал има 22 и повредите го забавуваат, па Ѓоковиќ има голема шанса уште повеќе да им избега.
„Неверојатно е да се знае дека сум пред нив двајца во поглед на гренд слемовите. Овој трофеј е уште една потврда на квалитетот на тенисот што сум способен да го играм“, кажа Ѓоковиќ.
Тој додаде дека гренд слем титулите му остануваат главен приоритет во натамошната кариера.
„Патувањето сè уште не е завршено. Ако сè уште можам да освојувам гренд слем трофеи, зошто да размислувам за крај на кариерата. Сè уште сум многу мотивиран и инспириран да играм на овие турнири, кои се бројат најмногу во историјата на нашиот спорт“, вели Ѓоковиќ.