Ѓоковиќ: Имав 12 години кога ја бомбардираа Србија, се сеќавам на тоа кога слушам огномет

Новак Ѓоковиќ беше непоразен на Австралија опен од 2018 година, оттогаш освои четири титули и пропушти еден турнир бидејќи не сакаше да се вакцинира против Ковид 19, но во петокот престана неговата чудесна серија од 33 победи.

Јаник Синер го исфрли од полуфиналето на Австралија Опен, а потоа во неделата го освои својот прв грен слем турнир во животот победувајќи го Данил Медведев.

За тоа време Ѓоковиќ веќе ја напушти Австралија и се подготвува за продолжението на сезоната, а пред полуфиналето даде големо интервју за австралиската програма Канал 9.

Српскиот тенисер го краси исклучителна ментална сила која му помогна да освои бројни титули во текот на кариерата. Тврди дека тоа го стекнал во тешките денови во детството кога Србија била бомбардирана.

– Поминавме низ две војни, ембарго од 1992 до 1996 година, кога ниту еден српски спортист не смееше да учествува на меѓународни натпревари. Тоа беа тешки времиња, но ме зајакнаа. Можев лесно да одам по другпат, но мислам дека мојата судбина беше да играм тенис и да постигнам големи резултати. Имав 12 години во времето кога имаше два и пол месеци непрекинато бомбардирање. Понекогаш се сеќавам на тоа, најмногу кога слушам огномет бидејќи ме потсетува на експлозии на бомби. Не е пријатно, веројатно е траума. Но, да се вратам на прашањето… Да, мислам дека тоа е поврзано со тоа што не се откажувам – рече Ѓоковиќ и продолжи:

– Овде во Србија има една изрека: Можеш да не убиеш, но не можеш да ни го убиеш духот, нашата душа. Јас верувам во тоа. Погледнете колку тенисери во историјата успеале како мене? Не го велам тоа за да се пофалам, туку за да се потсетам, да се штипнам, да погледнам што сум направил – рече Ѓоковиќ.

Тој му раскажа на водителот Карл Стефановиќ за своите деца, ќерката Тара и синот Стефан.

– Синот Стефан има девет, а ќерката Тара шест. Нејзиниот прв заб падна, а јас не бев таму. Тешко ми е да бидам одделен од моите деца. Татковците треба да си играат со децата, тоа ми е омилен дел од денот. Измислуваме игри, се шегуваме. Ми недостигаат, ме трогна – изјави емотивниот Ѓоковиќ.

Не успеа да ја одбрани титулата на Австралија опен, но новата недела ја започна на првото место. Прашање е на колку турнири ќе игра годинава, но секако најголемите цели се и понатаму исти, да освои што повеќе грен слемови и да се обиде конечно да се закити со олимписко злато – единственото достигнување што му недостасува во витрините.