Новак Ѓоковиќ обезбеди нови финале на Вимблдон, па српскиот тенисер ќе има шанса за реванш против бранителот на трофејот, Карлос Алкараз.
Во интервју по вчерашниот меч Ѓоковиќ беше емотивен, па зборуваше за детството.
„Отсекогаш сум велел дека Вимблдон ми е детски сон. Веќе неколкупати имам раскажано една приказна, но вреди да ја повторам. Бев седумгодишно дете во Србија, слушав како ми летат бомбите над главата и сонував да играм тенис на централниот терен на Вимблдон, најважниот терен во светот“, рече Ѓоковиќ.
„Си направив трофеј за победник на Вимблдон од материјалите кои ги најдов во собата. Стоев пред огледало и зборував дека ќе бидам победник на овој турнир. Таа визуелизација беше многу важна, но не доволна. Имав огромна поддршка од целото семејство. Беше тоа неверојатен пат по кој со мене одеше мојата сопруга, а сега и децата. Ништо не земам здраво за готово и и секојпат уживам кога сум на овој убав терен. Многу сум среќен што повторно сум во финале, но не сакам да застанам и се надевам дека во недела ќе го освојам овој турнир“ рече Ѓоковиќ.