Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го освои единственото одличје кое што му недостигаше во преполната кариера – златниот медал на Олимписките игри! Вториот светски рекет слави во финалето против Карлос Алкараз со 2-0 (7-6, 7-6), по епска битка која траеше без малку три часа.
Двајцата тенисери прикажаа врвен тенис, играа атомски и сериозно ја забавуваа публиката на „Филип Шатрие“.
Иако Алкараз одигра одлично и не грешеше премногу, искуството на Србинот беше пресудно во ова финале.
Алкараз играше како Надал во најдобрите денови. Ѓоковиќ напаѓаше со сите сили, но младиот Шпанец најчесто имаше решение како да возврати и да му направи проблеми на големиот шампион. Но, српскиот ас вакви битки водел премногу во минатото, особено на истиот терен, и знаеше како да реагира. Во четвртиот гем, втор на сервис на Алкараз, Ѓоковиќ имаше 0:40 и три брејк топки, но „принцот во белиот спорт“ на чудесен начин успеа да се врати и да израмни на 2-2.
Следуваше период на сигурна игра на двајцата тенисери на свои сервиси, а во деветтиот гем Ѓоковиќ за првпат се најде во тешка ситуација, но се извади. Шпанецот не искористи пет брејк-топки, а откако се одбрани 12. гем Ноле ја имаше првата сет топка, но без успех.
Сетот влезе во тај-брејк, а таму Ѓоковиќ ретко губи. Така беше и овој пат, откако со сигурни 7-3 стигна до водство во сетови од 1-0.
Во вториот сет се влезе исто така израмнето, тенисерите беа сигурни на свој сервис, а единствената брејк-шанса ја имаше Ѓоковиќ во третиот гем. И Србинот и Шпанецот сервираа добро, имаше неколку долги гемови, но ниту еден од нив не успеваше да се одлепи. Со израмнета игра се стигна до крајот на сетот, Алкараз го доби единаесеттиот гем убедливо без загубен поен и поведе со 6-5, а притисокот го префрли на ривалот.
Сепак, искуството јасно е на чија страна беше, па Србинот со иста мера врати и избори нов тај-брејк. Во доигрувањето, слично како во првиот сет Ѓоковиќ го искористи искуството, го даде својот максимум и дојде до толку очекуваното злато!