Шаќири: Со мојот претходник соработуваме професионално за МКЦ, сè уште не е завршена административната процедура

Во јавноста, посебно скопската, не стивнуваат реакциите за именувањето на музичарот Бени Шаќири за нов директор на Младинскиот културен центар(МКЦ).

Во последните две години Шаќири е третиот директор на Центарот, а именување и разрешување директори на градските јавни претпријатија на скопската градоначалничка Данела Арсовска како да и станува дел од нејзиното работно секојдневие.

Како и во претходните примери со претпријатија и установи каде што кадровска надлежност има скопската градоначалничка какви што беа со ЈСП, Водовод, Паркови и Комунална хигиена, така и изборот и на новиот директор на МКЦ предизвика идентично внимание во јавноста.

И примерот со изборот на Шаќири за директор на МКЦ не помина без бранувања и шпекулации за легалитетот на изборот и за наводните отпори на неговиот претходник Никола Алексов да го ослободи директорскиот кабинет во кој новиот би можел да ги извршува своите редовни обврски.

Но ова тврдење објавено во некои медиуми, пред сè нa веб портли, во интервју за ТВ 24 го демантираше самиот Шаќири.

Тој потврди дека е точно дека тој и неговиот претходник Никола Алексов деновиве се заедно во директорската канцеларија, но појасни дека причината за тоа е во фактот што сè уште не е завршена административната процедура за потписник на сметката на МКЦ како директор, а во тек било и, како што рече, запознавањето на Шаќири од страна на Алексов со актуелната ситуација во МКЦ во фазата на примопредавањето на директорските задолженија и таа соработка е професионална.

Инаку, на последниот конкурс за избор на директор во МКЦ, освен од музичарот Бени Шаќири, стигнале уште две пријави и тоа од филмскиот продуцент Никола Мадиќ и од продуцентот проф. Владимир Стојчевски.