Шумахер: Местото ми е во Формула 1
Мик Шумахер, синот на славниот Формула 1 возач Михаел Шумахер во моментот е резервен возач во Мерцедес, а верува дека местото му е во најбрзиот шампионат на светот и дека од 2025 година ќе има шанса да го докаже тоа.
Шумахер Формула 1 кариерата ја започна во тимот на Хас каде настапуваше во 2021 и 2022 година освојувајќи 12 бодови на вкупно 43 трки, но остана запомнет по големата штета која ја нанесуваше на својот болид па не доби шанса изминатата сезона.
Со оглед на тоа што следната сезона на голем број на возачи им истекуваат договорите, а и тоа што некои од нив ќе заминат во пензија, младиот возач верува дека ќе добие нова шанса за докажување.
„Многу работи може да се променат. Не само што ќе има промени во тимовите, туку еден или двајца од возачите ќе ја завршат кариерата. Тука ја гледам својата шанса. Знам дека сум доволно добар за Формула 1. Го покажав тоа во Формула 4, Формула 3 и Формула 2. Фактот дека победував на трките и првенствата брзо се заборава. Докажав дека можам да возам под притисок и да се носам со него“, вели Шумахер.