Шукова од Кисела Вода: Скопје заслужува повеќе, време е за работа, не за шминка и слики

➡ Нема паркови, нема спортски сали, нема гасификација, нема населба за млади. Има само слики, загадување и крпени улици. А сега истиот човек сака да го води Скопје? Ние велиме НЕ, истакна Шукова.

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вечерва од Кисела Вода со порака дека Скопје заслужува повеќе и оти „време е за работа, не за шминка и слики“.

Шукова, заедно со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, Горан Трајковски, зборуваа за визијата што ја има за градот и општината, со акцент на конкретни и изводливи проекти. Таа се осврна на ветувањата на актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека, според неа, над 80 отсто од неговата програма останала само на хартија.

-Нема паркови, нема спортски сали, нема гасификација, нема населба за млади. Има само слики, загадување и крпени улици. А сега истиот човек сака да го води Скопје? Ние велиме НЕ!“, истакна Шукова.

Таа ја претстави својата визија како патоказ за реална промена и најави 15 нови паркови за 15 месеци, инвестиции во модерен јавен превоз со еко-автобуси, сообраќајни решенија за метежот, како и системско решавање на депонијата Дрисла, која со години го труе воздухот на скопјани.

-Дрисла не е туѓ проблем, тоа е рана на нашиот град. Ќе воведеме модерно управување, 24/7 надзор, и конечно ќе ставиме крај на чадот и дивите депонии. Ова е прашање на здравје, достоинство и правда за сите жители на Кисела Вода, истакна таа.

Шукова ги повика граѓаните да не останат неутрални на овие избори.

-На овие избори, ќе одлучуваме дали ќе се вратиме на празни ветувања и заборавени проекти, или ќе тргнеме напред – со план, со енергија, со работа. Ајде заедно да го вратиме Скопје на граѓаните, кажа Каја Шукова.