Штрајк поради плати на вработени во администрацијата во Словенија

Вработените во администрацијата на 41 од 58 административни единици во Словенија денеска стапуваат во штрајк со барање за зголемување на платите и на бројот на вработени, за да се справат со зголемениот обем на работа.

Вработените во 26 административни единици, меѓу кои и најголемите градови Словенија, Љубљана и Марибор, ќе штрајкуваат три дена, додека во останатите 15 само денеска ќе трае делумниот прекин на работата, при што ќе се даваат само основни услуги.

Дури 85 отсто од вработените во административните единици во Словенија, кои вработуваат близу 2.340 вработени, ќе штрајкуваат, изјави синдикалниот лидер Францишек Верк.

Ова е втор штрајк на административните службеници, откако помал број од нив штрајкуваа на 15 ноември, но според Верк, тогаш не е постигнат напредок, пренесува словенечката новинска агенција СТА.

Вработените за време на штрајкот ќе вршат само основни административни услуги, главно матични и социјални процедури, вклучувајќи издавање лични карти или пасоши за итно патување во странство, издавање документи за новороденчиња и уште неколку. Административните работници, според Верк, се најслабо платени во системот на државната администрација.

Владата минатата недела во обид да спречи штрајк испрати предлог до Синдикатот на државните власти, но Верк смета дека тоа практично нема да реши никаков проблем.

Синдикатот бара најниско платените работници да земаат повеќе од минималната плата, а стручните лица со високо образование да добијат плата за нивната работа како вработени во министерства.

Ова е уште еден во бранот штрајкови што ја зафати Словенија, бидејќи лекарите и стоматолозите на 15 јануари стапија во ограничен прекин на работата, додека судиите штрајкуваа две недели, од 10 до 24 јануари. Дополнително, обвинителите најавија дека во среда ќе одржат еднодневен штрајк.