Штрајк на околу 2.000 вработени во „Национални шуми“ поради неисплата на јануарската плата

Околу две илјади вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“ од денеска стапија во штрајк со барање за исплата на јануарската плата, платата за февруари, чиј краен рок за исплата е до 15 март, како и исплата на сите додатоци. Одлуката за штрајк на вработените во претпријатието следеше по еднонеделен мирен предупредувачки протест, со најава за продолжување на штрајкот доколку раководството денеска не ги исплати платите.

Ова денеска го порача првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој го поддржа штрајкот на вработените во „Национални шуми“.

„Неиздржливо е во услови на криза и зголемување на трошоците за живот, луѓето кои секојдневно работат да не добиваат плата. Очекуваме раководството да се вразуми, да се одважи и да им исплати плата на вработените, а во спротивно штрајкот ќе продолжи и во наредните денови, сè до исполнување на барањата“ – вели Трендафилов.

Првиот човек на ССМ додава дека барањата не се само за исплата на платите, туку и за теренските додатоци кои, како што вели, вработените ги немаат добиено повеќе месеци, како и други додатоци на плата утврдени со закон и со колективен договор, кои, според Трендафилов, не биле почитувани од раководството на „Национални шуми“.

„Тука сум да им дадам поддршка, а моите колеги од ССМ се во другите градови каде има подружници сè со цел да им дадеме поддршка на колегите кои се одважија по многу години повторно да застанат и да штрајкуваат“ – додава претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.

Во одговор на новинарско прашање Трендафилов информира дека од ССМ веќе разговарале со раководството на „Национални шуми“, но оти тие се правдале дека чекаат да земат позајмица.

„Раководството секогаш има изговори, чекале да добијат финансиска инјекција од Владата. Но, кога ќе ве постават да бидете менаџер на едно јавно претпријатие и треба да раководите со околу 2 000 луѓе, вие треба да водите сметка дека редовно треба да им исплатите плата“, рече Трендафилов.

Воедно, обвини дека во момент кога не е исплатена плата за вработените, раководството пред неколку дена објавило тендер за набавка на нови службени возила, а од почетокот на годинава имало 450 нови вработувања.