Вработените во националната Пошта се во генерален штрајк, бараат линеарно покачување на нето платите во износ од 3.000 денари. Ова го најави Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија.
Штрајкот започна во 8 часот и ќе се одвива на работните места во главната Пошта и низ подружниците низ државата, најавија од Синдикатот.
Според синдикалните организации, работата на А.Д. Пошта на Северна Македонија, ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно член 49 од Законот за поштенски услуги и Колективниот договор на ниво на работодавач, и тоа се до прифаќање на барањата.
Согласно Законот за поштенски услуги, вработените имаат обврска да го почитуваат член 49 и да обезбедат прием, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки кои се однесуваат на препорачани судски пратки, препорачани пратки од безбедноста и одбраната и одредени други препорачани пратки кои се наведени во законската регулатива.
Одлуката за стапување во генерален штрајк беше донесена на 31-ви минатиот месец.