Штрајк во училиштата во Србија

Во 12 од 16 белградски гимназии, членки на Форумот на белградските гимназии, денеска нема настава, додека во преостанатите четири гимназии членовите на организацијата ќе ја прекинат наставата, соопшти тамошниот Синдикат.

Од Форумот на белградските средни училишта велат дека ја поддржуваат одлуката на репрезентативните синдикати да ја прекинат наставата.

„Иако членовите на Форумот не ги поддржуваат во сите сегменти предлозите на репрезентативните синдикати кои беа претставени на Владата на Србија, Главниот одбор на Форумот донесе одлука да го поддржи штрајкот не само поради фактот што нашите членови се незадоволни од решенијата што ги нудат надлежните, но и поради лицемерниот обид на претставникот на Министерството за финансии и Министерството за образование да ги поделат вработените во образованието на наставен и ненаставен кадар“, се наведува во соопштението на синдикатот.

Синдикалците за денеска најавија целосен прекин на работата и протести во градовите низ Србија.

Освен во Белград, просветните работници ќе протестираат и во Зрењанин, Нови Сад, Ниш, Шабац, Ваљево, Краљево, Крагуевац, Лесковац, Сомбор, Пожаревац.

Четирите репрезентативни синдикати во Србија – Сојузот на синдикатите на просветните работници на Србија, Синдикатот на образованието на Србија, ГСПРС „Независност“ и Синдикатот на просветните работници на Србија имаат четири барања.

Тие бараат, согласно договорот со Владата на Србија, предложените измени на Кривичниот законик со кои се бараат построги казни за нападите врз наставниците, да се одржат на јавна расправа и да бидат усвоени во Собранието по итна постапка.

Второто барање е почетната плата на наставник, односно вработен со седми степен, а во согласност со потпишаниот Протокол со Владата на Србија, да биде еднаква на просечната плата во Србија и зголемувањето да биде во ист процент за сите вработени во образованието.

Тие бараат и до крајот на 2024 година, во консултација со репрезентативните синдикати, да се измени Уредбата за коефициенти за пресметување и исплата на платите на вработените во јавните служби, согласно потпишаниот Протокол, како и вработените во образованието да им се исплати новогодишна награда согласно Посебниот колективен договор.