Штрајкот на ССМ утринава продолжува со блокада на влезот на Скопје во Автокоманда

Синдикалниот притисок за исполнување на барањата денеска  продолжува на улица, со блокада од 7 до 10 часот на влезот на Скопје на раскрсницата во населбата Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16 Македонска бригада“. Најавите се дека ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.

Поради блокадата, МВР најави дека утре во посочениот период ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сите сообраќајници што гравитираат околу крстосницата на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16. Македонска бригада“.

„Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици“ – соопштија од МВР, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива протестот.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) информираше дека Штрајкувачкиот одбор​ – Претседателството на ССМ дискутирало за активностите кои се спроведуваат со генералниот штрајк, посочувајќи дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини решиле да продолжат со други форми на синдикален притисок и​ незадоволството да го изразува на улица.

Од ССМ укажуваат на работниците и на граѓаните однапред да го планираат своето движење во наведениот период и да ја избегнат раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“ или солидарно да им се придружат.

ССМ смета дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.

Вработените во јавниот сектор, посочуваат од ССМ, се солидарни како никогаш до сега, а работниците ​во јавниот сектор кои добија усогласување на платите овие три изминати денови штрајкуваат и за работниците кои не добија солидарно усогласување на нивните плати за 2806 денари.

И натаму останува во сила одлуката дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места, но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.