Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го става во мирување штрајкот во образованието кој трае 12 дена. Ова денеска на прес конференција го соопшти претседателот на СОНК – Јаким Неделков.
Според него, причина за ваквата одлука е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови.
Од СОНК се заканија дека штрајкот повторно ќе се активира доколку не се најде соодветно решение и доколку не се усогласат барањата со Министерството за образование и наука.
„Врз основа на ова добиено известување, денеска Советот на СОНК расправаше, ги анализираше законските одредби согласно законот за мирно решавање на работните спорови и констатира меѓудругото дека Советот на СОНК и СОНК впрочем, се легалисти, се за почитување на законите. Од таа причина, дел од одредбите водат кон тоа дека додека трае периодот на помирување и решавање на спорот помеѓу двата спротивставени табори, доколку се однесува на штрајк, штрајкот треба да се стави во мирување. Извршивме детална консултација со повеќе правни субјекти, со повеќе правници, адвокати, судии, факт е дека ќе мора да постапиме согласно закон и факт е дека ќе мораме штрајкот да го ставиме во мирување“, рече Неделков
Тој е убеден дека во наредниот период ќе најдат соодветни заеднички решенија, онаму каде што застанале во преговорите и дека нема да има потреба од активирање на штрајкот.
„Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, верувајте и сакам да ја уверам и јавноста и нашето членство дека штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, се надевам дека и Владата и МОН и МТСП, еве и нив ќе ги повикам во овој дел на помирување, ќе изнајдеме решение и за сите спорни прашања конечно да најдеме заеднички модел. Инаку, убедени сме дека и платите ќе бидат зголемени, толку колку што бараме, толку колку што се можностите, дневниците за време на штрајкот дека ќе бидат повлечени, односно дека нема да бидат скратени. Сигурни сме дека колективните договори ќе бидат потпишани за основно, средно и детска заштита, и тоа утврдени со рокови до кога. Секако и сите оние придобивки кои со колективни договори баравме да се внесат како што е превоз на вработени, регрес за годишен одмор итн… како и динамика на зголемување на платите во наредните години, особено во 2023 година“, посочи Неделков.
Тој додаде дека очекува дневниците за време на штрајкот дека нема да бидат скратени и изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, а колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.
Штрајкот започна на 11-ти април откако СОНК побара зголемување на платите за 18,5%. Владата им понуди 12% повисоки плати.