Продолжува штрајкот во основните и средните училишта во земјава откако раководството на СОНК и нивниот претседател – Јаким Неделков изјавија вечерва дека понудата за зголемување на платата од 12% од страна на Владата е одбиена. Засега Неделков изјави дека во мирување е ставен штрајкот кај вработените во градинките.
„Нашите членови во текот на денешниот ден се изјаснуваа во однос на предлозите на Владата и можам да кажам од сумираните резултати, од вкупно 480 синдикални организации кои дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за продолжување на штрајкот, а само 83 беа за прекинување на штрајкот“ – рече Неделков.
Тој потенцираше дека најголемиот дел од оние коишто се за прекинување на штрајкот се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок огромниот број за продолжување на штрајкот се од основните и средните училишта.
„Според резултатите советот на СОНК донесе одлука дека штрајкот во основните и средините училишта продолжува и утре се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу синдикатот и владата. За во градинките е донесена одлука штрајкот да биде ставен во мирување и од утре тие да започнат да работат со ист интензитет како и претходно“ рече Неделков.
Советот на СОНК одлучил да организира голем масовен протест пред Владата на 4 мај, идната среда.