Повторно штрајкуваат машиновозачите од Германска железница, како и кабинскиот персонал во авиокомпанијата Луфтханза, пишува „Дојче веле“.
По шести пат синдикатот на машиновозачите ГЛД во спорот околу тарифните преговори со Дојче бан повика на прекин на работата.
Штрајкот во меѓународниот и регионалниот патнички сообраќај, кој ќе трае 24 часа, започна во ноќта кон вторник во два часот.
Товарниот сообраќај пак е запрен уште од вчера во 18 часот.
Германска железница соопшти дека за време на штрајкот ќе функционира околу 20 проценти од регуларниот ред на возење.
Во понеделникот вечерта Судот на трудот во Франкфурт на Мајна го отфрли барањето на Дојче бан за спречување на прекинот на работата по итна постапка.
Денеска (вторник) и утре (среда) штрајкува кабинскиот персонал во авионската компанија Луфтханза и нејзината регионална компанија Ситилајн.
За денеска е планирано анулирање на сите полетувања на авионите на Луфтханза од аеродромот во Франкфурт на Мајна, а за среда – сите полетувања од аеродромот во Минхен.
Според информации на авиокомпанијата, на двата дена ќе бидат погодени околу 100.000 патници. На штрајк повика синдикатот на кабинскиот персонал, УФО, со барање за зголемување на платите од 15 проценти за период од 18 месеци, укажувајќи притоа на рекордната добивка на Луфтханза од околу 1,7 милијарди евра.
Синдикатот освен тоа бара ипслата на инфлациона премија од 3.000 евра и повисоки додатоци за кабинскиот персонал. Во четвртокот и во петокот повторно штрајкуваше и копнениот персонал на Луфтханза.