
Што предвидува договорот за прекин на огнот меѓу Украина и Русија?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде дополнителни појаснувања за предлогот за 30-дневен прекин на огнот што беше договорен со лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Германија и Полска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде дополнителни појаснувања за предлогот за 30-дневен прекин на огнот што беше договорен со лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Германија и Полска.
Еве краток преглед на она што, според Зеленски, вклучува предлогот: Безусловен прекин на огнот за 30 дена, почнувајќи од понеделник, 12 мај, „во воздух, на море и на копно“.
„Надзорот на неговото спроведување е целосно изводлив“, рече Зеленски, додавајќи дека е „реален со координација со САД“.
За време на затишјето, треба да започнат разговори за безбедносните, политичките и хуманитарните основи на мирот. Доколку Русија ги отфрли условите за безусловен прекин на огнот, ќе бидат воведени дополнителни санкции, особено на нејзиниот енергетски и банкарски сектор.
Украинскиот претседател рече дека партнерите од ЕУ веќе работат на нов, силен пакет санкции, во соработка со Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Норвешка.
„Беше договорено дека јасен приоритет е зајакнувањето на одбраната и безбедносните сили на Украина како основна гаранција за суверенитетот и безбедноста на Украина“, додаде Зеленски. „Клучен елемент на безбедносните гаранции треба да биде и поддржувачкиот контингент. Зеленски рече дека Украина и нејзините сојузници чекаат одговор од Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, соопшти дека ќе го „разгледа“ предлогот на Западот за целосен и безусловен прекин на огнот во Украина, откако Велика Британија, САД и европските сојузници се заканија дека ќе испратат повеќе оружје во Киев доколку Русија не го почитува.
Кир Стармер му рекол на Путин дека повеќе нема простор за „ако“ и „но“ и дека мора да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со нови санкции насочени кон енергетскиот и банкарскиот сектор на Русија. Ултиматумот беше упатен по средбата во Киев, на која лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, заедно со Володимир Зеленски, телефонски разговараа со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Сите ние овде, заедно со САД, го повикуваме Путин. Ако тој навистина се грижи за мирот, сега има шанса да го покаже тоа“, рече Стармер на прес-конференција.
Кремљ одговори велејќи дека ќе го „разгледа“ предлогот, но не се обврза да потпише ништо.