
Што е спорно за Бугарија во Акцискиот план за малцинствата? Им пречи македонскиот јазик, вели Мицкоски
Според Мицкоски, ова уште еднаш покажува дека проблемите со Бугарија се многу подлабоки и дека немаат врска со исполнувањето на Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ. Тој исто така посочи дека во моментов нема контакти на релација Скопје – Софија, ниту на билатерално ниво, ниту со посредство на Брисел, за што ја обвини бугарската страна, која одбила иницијативи за неколку средби, предложени од Брисел, Париз и Берлин, како и дека македонската Влада „стои на располагање“ за вакви средби.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека главната забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата бил македонскиот јазик. Освен Бугарија, ниту една друга држава членка на ЕУ, немала забелешки за овој документ.
Според Мицкоски, ова уште еднаш покажува дека проблемите со Бугарија се многу подлабоки и дека немаат врска со исполнувањето на Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ. Тој исто така посочи дека во моментов нема контакти на релација Скопје – Софија, ниту на билатерално ниво, ниту со посредство на Брисел, за што ја обвини бугарската страна, која одбила иницијативи за неколку средби, предложени од Брисел, Париз и Берлин, како и дека македонската Влада „стои на располагање“ за вакви средби.
„До сега бевме воздржани бидејќи сето она за кое што ги предупредивме нашите партнери во Брисел се случи. А, ние ги предупредивме дека да го направиме и најдобриот акциски план за малцинствата, тој ќе биде одбиен од страна на бугарските власти. И тоа се случи“, рече денес Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите по отворањето нова детска градинка во Сопиште.
Притоа, тој го објасни целиот процес до сега, кој се одвивал неколку месеци наназад.
„Нема да споменувам имиња, но учесниците ќе се препознаат“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека од страна на Брисел било сугерирано Акцискиот план да биде направен со вклучување на најдобрите експерти од Советот на Европа и да се постапи како што ќе сугерираат тие, а потоа добиле уверување дека било нивна работа (на Брисел, заб.) како тоа ќе го решат со Бугарија. Исто така било побарано Акцискиот план да биде усвоен од страна на Владата и од парламентот, како и за него да има јавна дебата.
„Ние така направивме. Во изготвувањето на овој Акциски план учествуваше врвен и признат експерт, Италијанка. Како што беше побарано, така направивме за Акцискиот план и за содржината“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека потоа добиле телефонски повик од Брисел, при што им било сугерирано Акцискиот план прво да го испратат во Бугарија ден однапред со што би се покажала добра воља.
„Така направивме, го дадовме ден однапред. Е, сега им пречело што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба согласно Устав официјален јазик е македонскиот јазик, јас не можам како претседател на Влада, ниту пак министерот, да го крши уставот“, рече Мицкоски додавајќи дека ако мислат дека документот ќе биде испратен на друг јазик, тие уште еднаш покажуваат дека проблемот нема врска малцинството или Бугари во Устав.
„Нивните барања имаат многу подлабоки корења и многу подлабоки се проблемите. Уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосема поинаква. Жалам уште еднаш што ја испуштија шансата да покажат дека се добри соседи. Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија, бидејќи имаше и јавна дебата, јавна расправа, нема против. Проблем било што било на македонски јазик. Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што е тоа така“, рече Мицкоски.
На прашањето дали има средби со бугарската страна, со оглед дека такви беа најавени за по Нова година, Мицкоски одговори дека не најавиле дека ќе имаме засилени средби туку дека како Влада стојат на располагање било кога и било каде, во било која организација да одат и да разговараат и да ги претстават аргументите.
„Првата теза е дека ова не било билатерален проблем, туку дека бил проблемот наш и дека сега е заклучок на Европскиот совет и на ЕУ. Во ред, имаше иницијатива и од претседателката фон дер Лајен и од претседателот Кошта таква средба да се организира во Брисел. За жал, од другата страна ја одбија таквата средба. Потоа имаше иницијатива од Париз, тие да бидат домаќини на ваква средба, повторно ништо. Имаше иницијатива од Берлин тие да бидат домаќини на ваква средба, пак ништо“, рече Мицкоски.
Пораката од Софија, како што вели Мицкоски, била дека треба заедно да разговараме.
„Чекајте, дајте да се одлучиме проблемот е билатерален или ние имаме проблем со Брисел“, додаде премиерот.
Ако е билатерален, како што нагласи, тогаш се потврдува дека се билатерализира процесот на пристапување, као и дека нема врска со Копенгагеншките критериуми.
„Ако е така да знаеме. Нели е тоа прекршување на меѓународното право, нели е тоа прекршување на повелбата на Европската унија, на Лисабонската декларација“, рече Мицкоски, додавајќи дека тој повеќе сака да се фокусира на овие теми, отколку да одговара на прашања за претседателот на Венецуела, Мадуро.
Мицкоски исто така повтори дека оваа забелешка на Софија била главната, како и дека имало и други, кои ги нарече „небитни“.
„Се друго ќе прифатиме, нормално не внес (на Бугарите) во Устав, макар што тоа не е во Акцискиот план. Сите други забелешки ќе ги прифатиме, но јас не можам да се откажам од мојот мајчин македонски јазик“, рече Мицкоски.
Преземено од Независен