Што е за Сиљановска војната во Украина: Агресија или руска воена операција

„Опишувањето на една крвава агресија која предизвика огромни страдања како ’воена операција’ ја релативизира криминалната природа на дејствијата и ја негира горчливата реалност со која се соочува украинскиот народ“, се вели во соопштението од ДУИ.

ДУИ денеска преку соопштение постави прашање дали за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова војната во Украина е „руска воена операција“ или со ништо непредизвикана воена агресија на Москва. ДУИ се реферира на дел од обраќањето на македонската претседателка пред неколку дена за време на новогодишниот прием за претставниците на дипломатскиот кор.

Сиљановска во обраќањето, меѓу другото, го рече и ова: „Ние од почетокот на руската воена операција застанавме на страната на Украина, мислиме дека е тоа не само заради единствената европска политика, туку принципиелно“.

Според ДУИ, ваквата реторика е неприфатлива и е во спротивност со ставовите на нашата држава како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија.

„Опишувањето на една крвава агресија која предизвика огромни страдања како ’воена операција’ ја релативизира криминалната природа на дејствијата и ја негира горчливата реалност со која се соочува украинскиот народ“, се вели во соопштението од ДУИ.

Од партијата велат дека високите претставници на државата мора да ги рефлектираат јасно и одговорно позициите на нашата земја, почитувајќи ги нашите меѓународни обврски и стратегиски сојузи.

„Ја повикуваме претседателката да размисли за нејзината одговорност да ги претставува интересите и вредностите на Република Северна Македонија со достоинство и јасност. Нашите граѓани јасно се изјаснија дека стојат на страната на мирот, демократијата и меѓународната правда“ ,додаваат од ДУИ.

Сиљановска во својот говор зборуваше дека ѝ доаѓале на ум мисли од „Збогум оружје“ и „За кого бијат камбаните“ на Хемингвеј, гледајќи слики што ја потсетуваат на „Герника“ на Пикасо или на стихови на Лорка. Таа посака Венера, наместо Марс, да го управува светот.

„ЕУ немаше стратегија за Западниот Балкан, категорија што се појави на крајот на деведесеттите, како чудна, геостратешка кованица: земјите на бивша Југославија, минус Словенија, плус Албанија, па минус Хрватска, плус Косово… движечка географија за периферијата на Европа.

Како да не е научена лекцијата од крвавиот распад на Југославија, кога ЕУ доцнеше, а САД стигнуваа први“, рече пред дипломатите Сиљановска и додаде „Брисел е македонската стратешка дестинација“.