Штајнмајер доаѓа во Македонија

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер доаѓа во дводневна посета на Северна Македонија на 29 ноември годинава, соопштија од неговиот кабинет и германската амбасада во Скопје.

Франк-Валтер Штајнмајер ќе биде третиот германски сојузен претседател кој доаѓа во посета на Македонија од нејзината независност досега. Во посета на земјата во минатото доаѓаа претседателите Роман Херцог и Хорст Келер. Како што соопштија од неговиот кабинет и германската амбасада во Скопје, Штајнмајер доаѓа во Скопје на 29 ноември, а во рамките на дводневната посета ќе го посети и ветерниот парк во Богданци.

По Северна Македонија, Штајнмајер ќе ја продолжи мини-балканската турнеја и со дводневна посета на Албанија.

Во фокусот на посетата на Штајнмајер ќе бидат состојбите во регионот, последиците од руската инвазија врз Украина и поддршката на Германија за ЕУ перспективите на двете земји, пренесе „Дојче веле“.