Шпанија е новиот фудбалски владетел на Европа

Шпанија по четвртипат е шампион на Европа откако со 2-1 ја совлада Англија во финалето на олимпискиот стадион во Берлин, англичаните се првата селекција во историјата која губи две последователни финалиња.

Финалето во Берлин имаше две различни полувремиња, прво здодевно и второ исклучително возбудливо.

Шпанија беше селекцијата која ја имаше топката во првиот дел, Англичаните се бранеа. Немаше ниту една шанса на двете страни во првите 45 минути.

Но, вториот дел пошна фуриозно, во втората минута по асистенција од Јамал, Нико Вилијамс постигна гол за водство на Шпанија од 1-0.

Англија полека се созема, почна да напаѓа, а во 73. минута, по само три минути откако влезе Кол Палмер даде гол за израмнување на 1-1.

Палмер беше џокерот на Саутгејт, но и Луис де ла Фуенте имаше свој џокер, а тоа беше Ојарзабал.

Во 86. минута по асистенција на Кукуреља, Ојарзабал постигна гол за водство на Шпанија од 2-1, што беше и конечен резултат на мечот.

Пред самиот крај Англија имаше неверојатна шанса, но Олмо исфрли од гол линијата. Веројатно со овој потег само потврди дека треба да ја добие наградата за играч на турнирот.

Шпанија се радува на четвртата титула Европски шампион до која дојде до сите победи, Англија и понатаму останува без континентален трофеј.