„Шолц мора силно да ја притисне Бугарија, да ја натера да го тргне ветото“

Германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот – Кнут Абрахам вели дека „веродостојноста на процесот на проширување на ЕУ и мотивацијата на Западниот Балкан за такво нешто може да се вратат со почетокот на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија“.

Тој во изјава за „Дојче Веле“ пред посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Скопје и Софија смета дека притисокот мора да се насочи кон Бугарија.

„Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан“ – вели Абрахам.

Германија и ЕУ, според него, имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото.

„Тука мислам на очекувањата на бугарската Влада од ЕУ, но и билатералните очекувања, и ние мора тоа да го искористиме за да им ставиме јасно до знаење на пријателите во Софија, дека овој проблем е таков, што мора да се решава на билатерално, а не на европско ниво“ смета Абрахам.

Тој смета дека на сите земји-кандидати за членство во ЕУ треба да им се даде можност за поблиска интеграција со Унијата уште пред да станат членки.