Шолц, Макрон и Драги ќе одат во Киев пред самитот на Г7 во јуни?

Канцеларот на Германија – Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Италија – Марио Драги ќе го посетат Киев пред самитот на Г7 во јуни, јави германскиот весник „Билд ам Зонтаг“ повикувајќи се на извори од француската и украинската Влада.

Засега портпаролот на германската Влада не ги коментира пишувањето на весникот, а истото го сториле и од италијанската Влада.

Од почетокот на руската агресија на 24. февруари, голем број лидери отпатуваа во Киев за да покажат солидарност со Украина.

Надежите на Украина се дека ќе добие статус на кандидат за ЕУ ​​на самитот на Унијата на 23. и 24. јуни, непосредно пред самитот на Г7 што ќе се одржи од 26. до 28. јуни.

Во 2022 година, Германија ќе претседава со Г7, групата индустриски најразвиени земји во светот.

Од почетокот на војната Макрон се обидува да одржи дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но неговиот став беше критикуван од источноевропските и балтичките партнери, кои велат дека тоа ги намалува напорите да се принуди Путин на мировни преговори.