Шолц изрази загриженост поради поддршката на Маск за крајната десница во Германија

- Далеку повознемирувачки од таквите навреди е фактот што Маск поддржува екстремно десничарска партија како АфД, која се залага за зближување со (рускиот претседател Владимир) Путин и се обидува да ги ослабне трансатлантските односи, рече Шолц.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази загриженост поради поддршката која милијардерот Илон Маск ја дава за крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) во пресрет на парламентарните избори закажани за 23 февруари, пренесува ДПА.

Социјалдемократот Шолц, во интервју за списанието „Штерн“,  истакна дека не му пречат нападите на Маск кон него или кон други германски политичари, туку дека поддршката на милијардерот за екстремната десница е многу позагрижувачка.

– Далеку повознемирувачки од таквите навреди е фактот што Маск поддржува екстремно десничарска партија како АфД, која се залага за зближување со (рускиот претседател Владимир) Путин и се обидува да ги ослабне трансатлантските односи, рече Шолц.

Трипартиската коалиција зад неговата влада се распадна, што доведе до распуштање на Бундестагот, Долниот дом на германскиот парламент, од страна на претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и распишување предвремени избори.

Вицеканцеларот Роберт Хабек, кој е кандидат за канцелар на партијата Унија 90/Зелените, го предупреди Маск да не се меша во германските избори во вчерашното интервју за германско списание, Шпигел, „Подалеку рацете од нашата демократија, господине Маск, повика Хабек.