Во вчерашно интервју, германскиот канцелар Олаф Шолц доби прашање за навредите што ги упати Илон Маск кон него и други германски лидери. Неговиот одговор беше:
„Немојте да го храните тролот“.
Шолц изјави дека е навикнат на овој тип критики. „Мора да останете ладнокрвни. Како социјалдемократи, долго време сме навикнати на тоа дека има богати медиумски претприемачи кои не ја ценат социјалдемократската политика – и не го кријат своето мислење.“, објасни тој.
Во интервјуто канцеларот рече дека нема да се труди да комуницира со Маск, кој ја поддржа екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) на федералните избори кои ќе се одржат следниот месец и кој ќе биде домаќин на разговор во живо на неговата социјална мрежа „X“ со нивната кандидатка за канцелар, Алис Вајдел. „Не верувам во додворување на г-дин Маск“, додаде Шолц.
Ова беше најдиректно упатениот одговор на канцеларот кон Маск, само неколку денови откако во новогодишна говорна порака ги повика германските гласачи да не им дозволат на „сопствениците на социјалните медиуми“ да го одлучат исходот од општите избори, пренесува Гардијан.