Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска повика на обновени напори за постигнување мир во Украина, наведувајќи дека тој и украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна се договориле за потребата од одржување нова мировна конференција на која ќе учествува и Русија.
„Верувам дека сега е време да се разговара за тоа и да се постигне мирно решение со побрзо темпо“, рече Шолц во интервју за германската телевизија ЗДФ.
Шолц е под притисок откако сите три партии во неговата левичарска коалиција претрпеа порази на минатонеделните парламентарни избори во германските покраини Тирингија и Саксонија, додека партиите за подобри односи со Русија освоија рекорден број гласови, објави Ројтерс.
Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и новата опозициска Алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ), кои се противат на воената поддршка за Украина, забележаа рекордна поддршка од гласачите на минатонеделните избори.
Во Тирингија, АфД победи со околу 33,5 отсто од гласовите, опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) е на второ место со 24,5 отсто, а БСВ на третото место со 14,5 отсто.
Во Саксонија ЦДУ освои 32 отсто, а зад нив е АфД со 31,5 отсто од гласовите, а БСВ е на трето место со 11,5 отсто освоени гласови.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во јули изјави дека има за цел да подготви план за одржување на втор меѓународен мировен самит за Украина, на кој треба да присуствуваат и претставници на Русија.