Шоле не доаѓа во Скопје поради позитивен ковид тест

Дерек Шоле – советникот на државниот секретар на САД потврди дека ја одложува посетата на Балканот, меѓу кои и на Македонија, за по Нова Година, поради позитивен резултат на ковид тест.

„Жалам што морам да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен тест за Ковид. Ќе останам ангажиран по сите прашања во однос на регионот на Балканот, и со нетрпение очекувам патувањето да го направам на почетокот од наредната година“ објави тој.

Заедно со Шоле во Скопје в среда требаше да допатува и заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој од вчера е во Косово.

Според првичната најава од Стејт департментот, Шоле во Скопје требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.