„Две децении во континуитет нашата држава се соочува со комбиниран проблем, од една страна имаме стареење на населението, а од друга страна имаме иселување на младите. Ниските плати не се единствената причина за иселување, што потврдува дека имаме раст на платите. Младите сакаат квалитетен живот и многу други услови, меѓутоа и младите сакаат да го менуваат местото на живеење, местото во кое студираат, не сакам да се сведеме на реториката дека младите не треба да одат на студиски престои. Тоа е глобализација. Тоа од една страна е позитино, но сакаме да се вратат и тоа што го стекнале како искуство да го научат тука. Пред некој ден бев на презентација Манифестот на младината и ме израдува тоа што видов една многу прогресивна визија и отворена слика за она што младите го сакаат бидејќи кога зборуваме за проблемот со иселувањето на младите знаеме многу да дискутираме наместо да ги прашаме нив“, изјави пратеничката од редовите на СДСМ Санела Шкријељ во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
Таа додаде дека факт е дека партиите не успеваат да се договорат и да кажат дека ова е национално прашање, па да се тргне дневното политиканство кога станува збор за реформи во образованието и да се направат тие реформи во образованието.
„Сум била вклучена во еден таков процес, има експертски институции кои јасно кажуваат што треба да се направи во нашето образование, како што се УНИЦЕФ, Светска банка, и кога ќе се тргне по тој пат не треба да влегуваме во дневно политиканство. Реформите не би биле реформи ако не се тешки и болни“, потенцираше Шкријељ.
Во однос на недостатокот на учебници, таа додаде дека тоа можеше да се надмине и да имаме квалитетни учебници доколку немаше шиканирање на новиот предлог закон за учебници којшто гарантираше ослободување од монополи, како да биде спроведена постапката, избор од три учебници.