Македонската писателка, академик Катица Ќулавкова со Фејсбук статус за евентуалната широка коалиција предложена од партиите на власт:
„Отстапките од меѓународните конвенции на ОН и Повелбата на ОН никому не донело ништо добро, па ни на Македонија.
Постојаните ревизии на Уставот на Република Македонија и на неговата Преамбула од 1993 до денес, ја обезличија нашата држава: ниту е повеќе демократска (се претвори во етнократска и мултиетничка, врз начело на позитивна дискриминација кое ескалира до невидени размери), ниту е унитарна, ниту е независна. Последиците од тие отстапки се далекусежни и ненадоместливи.
Отстапките се прават на барање на некоја соседна држава и членка на ЕУ, ама со дипломатска поддршка на западната меѓународна заедница и со сервилен, лукративен и недостоинствен однос на владејачката политичка елита.
Таа создава илузија дека ако Македонија и Македонците се откажат од некоја своја стекната, легитимна и суштествена придобивка, ќе добијат нешто од врвно значење за иднината на Македонија.
Тоа „нешто“ постојано се одлага како лажно ветување и како „опиум за народот“. Отстапките од легитимните референдуми во 1991 и 2018 година, исто така, не водат кон добро. И тие се дел од стратегијата на повреда на македонските државни/национални интереси.
Се чини дека нашава држава работи за туѓи државни и геополитички интереси. Ги прифаќа сите притисоци, диктати, се помирува со секое вето. Од готово прави вересија и тоа го прогласува за успех. Не бара реципроцитет. Го жртвува македонското малцинство во соседните и далечните држави, откажувајќи се од него. Таков е современиот македонски синдром.
А сите знаеме, штом нема македонска нација – нема ни македонско национално малцинство, нема континуитет во простор и време на македонската култура, народ и јазик. Парадоксално, ама нашата држава носи драконски мерки против негувањето на сопствената колективна меморија, а негува апсолутна толеранција на туѓите национализми и претензии на штета на македонскиот национален интерес.
Широката коалиција во мигов е стапица, но и показ дека нема опозиција и дека „тешката одлука“ лесно ќе биде донесена.
На рати или не, таа е веќе со ветен потпис. Можеби не вреди да се каже вистината, но неморално е да се премолчи“ пишува Ќулавкова.