Шешељ: Судот во Хаг има политичка функција, да ги заслепува Србите

Претседателот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ денеска изјави дека Специјализираната комора на Косово со седиште во Хаг за судењето на поранешните лидери на т.н. ОВК има политичка функција да им ги „заслепува очите“ на Србите.

– Судот со седиште во Хаг има политичка функција а тоа е барем за момент да ги заслепи Србите – изјави Шешељ за Танјуг.

Тој додаде дека светските сили не се грижат за судбината на обвинетите, бидејќи нивната цел е да ја зацврстат независноста на Косово, а Србите да не се бунтуваат премногу против тоа.

– Меѓународниот суд не е правен, тој е формиран со одлука на Собранието на Косово. Единствениот суд кој може да им суди на воените злосторници од Косово е судот во Србија и на нив би можело да им се суди според кривичниот законик на Сојузна Република Југославија – објасни Шешељ.

Тој рече дека и Хашкиот трибунал е ненадлежен орган, кој е формиран од Советот за безбедност на Обединетите нации врз основа на Повелбата седма, која зборува за воспоставување и зачувување на мирот.

– Ова покажува дека целта на светските сили не е постигнување правда, туку зачувување на мирот по секоја цена – рече Шешељ.

Според него, првиот потег од политички карактер е негирањето на постоењето на „жолтата куќа“, покрај извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти и големата афера што се случи во Хашкиот трибунал кога се дозна дека сите артефакти пронајдени во „жолтата куќа“ биле уништени.

Шешељ вели дека причината поради која во обвиненијата не се споменува „жолтата куќа“ е тоа што добиле политичка наредба да ја исклучат.

– Можеме да погодиме каков ќе биде исходот од ова судење. Има прв степен каде што можат да добијат високи казни, а во втор степен можат да бидат ослободени, во зависност од политичките потреби на Американците, Англичаните и други фактори кои ја регулираат работата на овој суд – наведе тој.

Шешељ заклучи дека судењето што моментално се одржува во Хаг е „политичка парада“ која ќе заврши како што сметаат големите светски сили.

-Ако им одговара да ги стават сите во затвор, ќе го направат тоа. Не знаеме кои се политичките интереси за одржување на овие судења. Правдата не може да надвладее во вакво судење, а каков и да е исходот од судењето, тоа не е правда, тоа е еден вид политичка манипулација – заклучува Шешељ.

Судењето на поранешните лидери на т.н ОВК на Хашим Тачи (53), Кадри Весели (54), Реџеп Селими (50) и Јакуп Красниќи (70).

Тие се обвинети за неправедно лишување од слобода, мачење и убивање на луѓето, а за овие злосторства им се заканува доживотен затвор.

Во обвинението се наведува дека злосторствата за кои се товарат се извршени од март 1998 до септември 1999 година на повеќе места во Косово и Метохија, како и во Кукеш и Чахан, во северна Албанија.