
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ја поздрави ерменската солидарност со Украина, на крајот од тридневната посета на главните градови на јужнокавкаските држави, која Кремљ внимателно ја следеше и критикуваше.
Столтенберг денеска го заврши тридневното патување во Ереван, при што освен со ерменскиот премиер Никол Пашинјан, се сретна и со лидерите на Азербејџан и Грузија.
На последниот ден од турнејата, Столтенберг ги повика Ерменија и Азербејџан да потпишат мировен договор по војната во Нагорно-Карабах, од која Баку излезе како победник. Лидерите на двете земји неодамна најавија дека се поблиску од кога било до постигнување договор. „Ерменија и Азербејџан имаат можност да постигнат траен мир“, рече Столтенберг во Ереван, пренесе Франс прес.
„Ги повикувам двете земји да најдат договор за да се отвори патот за нормализација на односите“, посочи генералниот секретар на НАТО, додавајќи дека стабилноста на Кавказот „е важна и за евроатлантската безбедност“.
Кремљ ја критикуваше посетата на Столтенберг на регионот на Јужен Кавказ, поранешен дел од Советскиот Сојуз, велејќи дека обидите на НАТО да го зголеми своето присуство во областа нема да придонесат за нејзината безбедност. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека внимателно ја следат посетата на Столтенберг, но и дека „таквите контакти се суверено право на кавкаските земји“, пишува Ројтерс.