Евгениј Пригожин, шефот на злогласната група „Вагнер“, наводно им рекол на руските лидери дека е време да се прекине воената операција во Украина и да се фокусираат на териториите окупирани досега, објави Yahoo News.
– Време е да се заврши операцијата, за доброто на самата Русија, но и за целото општество – му порача Пригожин на рускиот претседател Владимир Путин.
Јаху ја објави веста на медиумот на Пригожин, Telegre.ph, а подолу откри што би било најдоброто нешто да се направи.
– Треба да им кажеме на сите Руси како го постигнавме очекуваниот резултат, што донекаде е точно. Теоретски ја постигнавме зацртаната цел затоа што уништивме голем дел од украинските мажи, а дел истеравме во Европа – додаде тој.
Тој тврди дека единствено правилно е да се зајакнат постоечките освоени територии.
Во вторникот, Пригожин во видеото рече дека неговите сили контролираат повеќе од 80 отсто од источниот украински град Бахмут.
Платениците на „Вагнер“ ги предводат повеќемесечните напори на Москва да го заземе Бахмут, кој се претвори во една од најкрвавите битки во 13-месечната инвазија на Украина.
Пригожин на мапата на областа покажа како неговите сили продолжуваат да го опкружуваат сега целосно уништениот град, во кој пред војната имало околу 70.000 луѓе.
– Во Бахмут, најголемиот дел, сега е под наша контрола над 80 отсто, вклучувајќи го целиот административен центар, фабриките, магацините, градската управа – рече Пригожин.