Лидерите на ЕУ и НАТО изразија сочувство по повод денешната смрт на британската кралица Елизабета Втора.
„Малкумина имале такво влијание во светската историја“, напиша на Твитер претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Таа додаде дека Елизабета Втора е пример за сите и ја нарече „одлична“.
Претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел истакна дека покојната британска кралица секогаш можела да ја покаже важноста на трајните вредности во современиот свет преку нејзината посветеност на работата.
„Со длабока тага ја примив веста за смртта на нејзиното височество кралицата Елизабета Втора. Таа беше шеф на државата со најдолг стаж во светот и една од најпочитуваните личности во светот. Упатувам искрено сочувство до кралското семејство и британскиот народ“, напиша на Твитер претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вели дека Елизабета Втора била пример за посветеност и лидерство.
„Долгото владеење на кралицата Елизабета Втора стана дел од историјата и пример за инспиративни вредности и постапки“, напиша еврокомесарката Марија Габриел, која изрази сочувство до британското кралско семејство и граѓаните на Велика Британија.