Потрагата по двегодишната Данка Илиќ која се води за исчезната од 26 март во Бањско поле кај Бор во Србија, влезе во шести ден.
Како што јави Радио телевизија на Србија, полицијата пребарува дел од Брестовачка река, а хеликоптери го прелетале поширокото подрачје на исчезнувањето на девојчето.
Специјални екипи досега ја пребарале околината на куќата, тунелот, подземните канали и шахти, шумите и не нашле никакви траги од тоа дека Данка е таму.
Министерството за внатрешни работи на Србија продолжува со оперативната работа на 31 март.
Двегодишната Данка Илиќ, која исчезна околу 13 часот на 26 март, има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Во моментот на нејзиното исчезнување таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики.
На денот на исчезнувањето на девојчето, полицијата за прв пат во Србија го активираше системот „Најди ме“ (Amber Alert) кој итно ја информира јавноста за исчезнување на дете.
Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека информациите од Босна и Херцеговина кои се појавија на социјалните мрежи за исчезнувањето на девојчето се лажни.
На 28 март, Федералната полициска управа (полициска управа на ентитетот БиХ Федерација на БиХ) врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Србија уапси три лица за кои се сомнева дека преку социјалната мрежа ТикТок објавиле дека се поврзани со исчезнувањето на Данка Илиќ.
Припадниците на Службата за борба против високотехнолошкиот криминал ја идентификувале IP адресата на корисник на сметка од територијата на Босна и Херцеговина, кој на TikTok изјавил дека девојчето се наоѓа во неговиот подрум.
Врз основа на тие информации, Федералната полициска управа ги уапси Б.Т, З.Т и М.Т. извршил претрес и утврдил дека информациите дадени од осомничениот се лажни.
Министерството за внатрешни работи на Србија претходно апелираше до медиумите да не објавуваат непроверени и неточни информации, бидејќи на тој начин ја загрозуваат истрагата.