Денеска е шести ден од барикадите што Србите ги поставија на патиштата во северно Косово во знак на протест поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Минатата ноќ на барикадите помина мирно, јавуваат медиумите.
Како што јави РТС, косовската полиција се уште не дозволува премин преку Јариње и Брњак, а Кризниот штаб во Косовска Митровица упати апел до граѓаните да истраат и да останат смирени.
Училиштата и угостителските објекти беа затворени, а во Северна Митровица, уште пред барикадите, беа распоредени засилени полициски единици од регионот низ Косово.
Да потсетиме вчера, шефот на ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигемарк изјави дека мисијата на ЕУ има контрадикторни информации за уапсениот Пантиќ и дека се уште не знаат каде се наоѓа.
На ова реагираше директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој рече дека е скандалозно што ЕУЛЕКС не знае каде е Пантиќ.
Србите ги напуштија повеќето институции на Косово на почетокот на ноември, а барикадите беа поставени во саботата.
Откако Србите ги напуштија институциите, вчера 16 нови советници дадоа заклетва и избраа претседавач, а Неџад Угљанин од Граѓанската иницијатива „Митровица“ е избран за нов претседател на Собранието на општина Северна Митровица.
На ова жестоко реагираше Српска Листа која оцени дека вчерашната одлука за новото парламентарно мнозинство е незаконска.