Шекеринска: НАТО го поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, денеска во разговор со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, нагласи дека Западниот Балкан е регион од стратешко значење за Алијансата и дека НАТО целосно го поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, предводен од ЕУ.

Таа ја истакна важноста на партнерството меѓу НАТО и ЕУ во одржувањето на мирот и стабилноста во Косово и пошироко.

„Преку мисијата КФОР, НАТО продолжува да прави сè што е воено возможно на терен за да го заштити мирот, во корист на сите луѓе што живеат во Косово. Но, конечното решение за трајна регионална стабилност е политичко. За таа цел, НАТО продолжува целосно да го поддржува дијалогот предводен од ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и напорите на специјалниот претставник Соренсен“, изјави Шекеринска, се наведува во соопштението на Алијансата.

Таа, исто така, посочи дека соработката меѓу НАТО и ЕУ е на високо ниво.

Шекеринска нагласи дека континуираната координација ќе биде клучна за напредокот на дијалогот предводен од ЕУ и дека сојузниците се согласиле да ја зголемат поддршката за напорите за нормализирање на односите.