„Неуспехот да се испорача тоа што Северна Македонија го заслужува, ја загрозува ЕУ во еден важен регион кој е опкружен со членки на Унијата. И затоа изгледа дека бугарското вето „успеа“ таму каде што не успеаја други надворешни влијанија – да ја намали моќта и влијанието на ЕУ во целиот регион на Западен Балкан“ вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот состанок на министрите за одбрана на Централноевропската одбранбена соработка.
Шекеринска нагласи дека Северна Македонија во изминатите четири години беше целосно и искрено посветена на евроатлантските интеграции, што уште повеќе ја зголемува разочараноста од одлагањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
„Северна Македонија, не седеше и не чекаше да добие подарок, туку во последните неколку години работевме на суштински, болни и тешки реформи, не само за решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија туку и на прашања кои се важни за европската агенда, како што се човековите права, владеење на правото, транспарентноста, борба против корупцијата, правата на малцинствата. Во сите овие прашања Северна Македонија има видливи резултати“ посочи Шекеринска на состанокот кој се одржа преку видеоконференциска врска.