Шведската истрага ги засили сомнежите дека истекувањата од Северен тек се последица на сериозна саботажа

Шведската безбедносна агенција денеска соопшти дека нејзината прелиминарна истрага за истекувањето на гас од двата гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото море ги „засилила сомнежите дека станува збор за сериозна саботажа“ како причина за истекувањето, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Од агенцијата додаваат дека истрагата потврдила дека „детонации“ предизвикале голема штета на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, минатата недела. Властите навеле дека во моментот на истекувањето во близина на шведското и данското крајбрежје биле забележани експлозии во тие области. Агенцијата не соопштила повеќе детали за истрагата, но, во одделно соопштение, шведскиот обвинител, Матс Лунгквист, рекол дека собраните докази од самото место ќе бидат истражени.

Лунгквист, кој ја водеше прелиминарната истрага, не ги идентификувал собраните докази. Тој додал дека сега кога почетната истрага е завршена, блокадата околу гасоводот во делот на Шведска ќе биде укината. Владите на Данска и Шведска претходно соопштија дека се сомневаат дека во саботажата било користено големо количество на експлозив. Поради истекувањето на гас од Северен тек 1 и 2 испуштени се големи количества метан во воздухот.

Лунгквист тоа го нарекол „сериозен инцидент“ и додал дека „случајот е многу сензибилен“. Минатата недела, експлозии под морето ги потресоа гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, на две локации, во близина на бреговите на Шведска и Данска. Гасоводите се изградени за транспрот на природен гас од Русија во Германија.