„Швајцарски модел“ за раст на пензиите
Македонската Влада и претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите и Партијата на пензионерите се договорија да има промена на методологијата за усогласување и пораст на пензиите и за дополнителна финансиска помош за пензионерите од по 1000 денари за април, мај и јуни.
„Денеска се договоривме да го прифатиме предлогот на пензионерите за воведување нова методологија за порастот на пензиите врз основа на таканаречена швајцарска формула односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата“ – рече по завршувањето на средбата премиерот Димитар Ковачевски.
Усогласувањето на пензиите ќе се врши двапати во годината и тоа во март и септември кога Државниот завод за статистика ги дава официјалните податоци.
„Со воведувањето на оваа методологија и со зголемувањето на пензиите, во 2022 во однос на 2021 година имаме историски најголемо покачување на пензиите. Со ова потврдуваме и исполнуваме уште едно од ветувањата дадени на денот кога ја избиравме Владата, а тоа е дека грижата за пензионерите ќе биде нејзин врвен приоритет“ – истакна Ковачевски.