Арнолд Шварценегер (75), кој беше и гувернер на американската сојузна држава Калифорнија, е роден во Австрија како син на поранешен член на нацистичката партија кој служел во германската армија за време на Втората светска војна, пишува „Јутарњи лист“.
Тој и претседателот на Фондацијата на Еврејскиот центар Аушвиц, Симон Бергсон, син на Евреите кои го преживеаја Холокаустот, се пример дека предрасудите можат да се избришат веќе во следната генерација.
„Тој (Бергсон) е роден по Втората светска војна во прекрасно еврејско семејство, а јас сум син на човек кој беше војник во нацистичката војна. Ние сме втора генерација и заедно се бориме против предрасудите, омразата и дискриминацијата“ – објасни Шварценегер.
Повеќе од 1,1 милион луѓе, главно Евреи, умреле во гасни комори или од глад, болести и студ во Аушвиц, логор што нацистите го основале во окупирана Полска за време на Втората светска војна, потсетува „Јутарњи лист“.
Шварценегер му оддаде почит на „Ѕидот на смртта“ каде германските војници убија бројни затвореници и на споменикот на жртвите во логорот Биркенау.