Шаќири: Со СОНК ќе продолжиме да преговараме, ама образовниот процес мора да продолжи

Министерот за образование и наука – Јетон Шаќири ги повика наставниците да ја разгледаат одлуката за прекин на наставата, да ја имаат предвид понудата за покачување на платите од 10 отсто и економската состојба во која се наоѓа државата и да ги повикаат учениците во училиштата.

Тој денеска имал комуникација со претседателот на СОНК – Јаким Неделков и апелираше да се има доверба во процесот, преговорите да продолжат, соопштувајќи дека ќе има ребаланс на буџетот и е можно пренасочување средства во министерствата како што предлага МОН за својот буџет.

„Во ниту една ситуација не сум обвинувал никого како министер, но што се однесува до образовниот процес сакам што побрзо да продолжи, и утре. За оваа значајна тема ние може со претставници на СОНК и неговиот Совет секој ден да ги продолжиме преговорите, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза“ – изјави Шаќири.

Апелираше и да нема дезинформации зашто во јавноста претставници на Советот на СОНК изјавувале дека штрајкот го продолжуваат зашто не е вистина дека има понуда од Владата.

„Не сакам вакви дезинформации. И во оваа економска криза не е кажано дека нема да има повисоки плати во образованието Кажано е да, дека ќе има повисоки плати и ќе биде направено максимум со оглед на состојбата во која се наоѓаме“ – додаде Шаќири.