Министерството за образование и наука ќе има состаноци со надлежни институции кои треба да проценат кои се ризиците од употребата на социјалната мрежа Тик-ток за учениците за да се донесе заклучок дали треба да се ограничи нејзиното користење.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека за безбедноста во училиштата ќе се одржат интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември ќе има и прирачници и протоколи со мерки.
„Денес ќе продолжиме со состаноците со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребата на социјалната мрежа Тик-ток, какви материјали има конкретно на неа и за начинот на употреба од страна на учениците во основните и средните училишта“,вели Шаќири.
Тој најави дека од страна на МВР веќе се анализираат неколку тикток-видеа објавени од ученици и ако се процени дека тие се несоодветни за детска возраст тогаш заедно со Министерството за информатичко општество, со Агенцијата за електронски комуникации и другите институции што се во доменот на функционирање на Тик-ток ќе се разгледаат сите можности за ограничување на начинот на употреба на Тик-ток како апликација.
„Ако можеме од институциите кои се во делот на информатичкото општество да имаме конкретни ограничувања за начинот на отворање, потврда на податоците и нивно внесување, мислам дека ќе ги разгледаме сите можности затоа што, не само во нашата туку и во други земји од регионот се размислува за препораки во однос на овие содржини“, рече Шаќири.