Јетон Шаќири – министерот за образование и наука вели дека учениците ќе престанат да носат маски во училишта кога проценка за тоа ќе даде Комисијата за заштита од заразни болести.
„Кога комисијата за заразни болести ќе процени дека не се потребни во образовниот процес, јас сум сигурен дека тие ќе дадат препорака да се тргнат маските. Знам дека сме во период кога очекуваме олеснување на мерките, но, исто така знаеме дека и кога ќе имаме полесни препораки можеме да имаме зголемување на бројот на заразените“ рече Шаќири.
Околу усогласувањето на платите во образованието тој одговори дека има закон за зголемување на платите.
„Ние имаме за цел да ги мотивираме наставниците. Јас досега со претставници на СОНК имам реализирано три состаноци и еден со другите ресорни министерства, на кои ги разгледуваме барањата. Во делот на зголемување на платите една од препораките е дека треба да се нивелира минималната плата со другите плати. Значи, нема да има луѓе кои ќе бидат под минималната плата. Но, во процес на комуникација сме и јас повеќе пати имам кажано само штрајкот да не се гледа како решение на овој проблем. Ги знаеме економските состојби и затоа треба да се бара решение“ – рече Шаќири.