Шаќири: Во октомври или почетокот на ноември ќе бидат готови учебниците

Во текот на октомври или почетокот на ноември ќе бидат готови учебниците, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Министерот, посочи дека во најбрзо можно време ќе почнат со печатење на учебниците за тие кои се одобрени од Националниот совет.

– Некои учебници на друга седница ќе се одобрат од Националниот совет. И гледам позитивна енергија во ова. И затоа јас уште, пак ќе кажам, ние се подготвуваме и Советот кој го најавив каде се вклучуваат многу институции е за да ги поврземе институциите, да ги имаме податоците, да знаеме како можеме да го решиме тој проблем кој е долгогодишен, рече Шаќири по отворањето на тркалезната маса „Хармонизација на студиските програми во високото образование со потребите на пазарот на трудот“, во организација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во соработка со Стопанската комора на северозападна Македонија.

Одговорајќи на новинарско прашање, Шаќири истакна дека за образовниот процес да нема недостаток ги доставиле подготвителните материјали за прво, второ, четврто и петто одделеление.

– Што се однесува за недостатокот кој е и од претходниот период, не е само од овој осум месеци, е подолг недостаток. Според сите буџетски средства што ги имаме на располагање завршена е и постапката за економскиот оператор, рече Шаќири.