Јетон Шаќири – министерот за образование изјави дека очекува одлука од Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата утре да започне наставата во основното и средното образование и дека треба да се разгледа начин за потполно постигнување на планираната наставна програма.
„Ќе разгледаме секаков вид на можност за менаџирање на ситуацијата заедно со Бирото за развој на образование и со наставниот кадар. Но, за мене многу е важно утре да започне наставата во сите основни и средни училишта“ рече.
Тој дополни дека со планираниот колективен договор ќе има исплата на К-15 и ќе се разгледаат можностите за надомест на патните трошоци на сите што патуваат во подалечни подрачја.
Советот на СОНК попладнево треба да донесе конечна одлука дали ќе го прифати постигнатиот договор на раководството на СОНК со Владата за зголемување на платите за 12 проценти, со што би прекинал штрајкот во училиштата и градинките.