Јетон Шаќири – министерот за образование и наука денеска ги повика наставниците во основните и средните училишта да го продолжат образовниот процес, бидејќи тоа е од најдобар интерес на децата.
„Децата треба да ни е на прво место, затоа што правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Губењето на настава во услови како оваа пандемија, кога Владата и Министерството за образование и наука направи максимални напори да го нормализира образовниот процес, не оди во прилог никому, најмалку на учениците“ – напиша Шаќири на Фејсбук.
Потенцира дека учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Редовната настава, посочува министерот, е потребна најмногу како поддршка за ученици во еден многу важен дел од нивниот живот.
„Потребни сте им сега во овој период кога се подготвуваат за продолжување на образованието во средните училишта, за полагање на стручни испити и за државната матура, од што зависи нивната понатамошната образовна иднина и запишување на факултетите во земјава и во странство. Со нарушен образовен процес, сето ова не може да се реализира во предвидените рокови и е на штета на сегашните деветооделенци и матуранти, но и на сите останати ученици“ 0 истакнува Шаќири.
Владата и претставниците на СОНК, нагласува министерот, се договорија викендот да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи.