Шајнбаум ги осуди американските санкции врз три мексикански финансиски институции

Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, денеска остро реагираше на објавата за блокирање на трансферите на пари од три мексикански финансиски институции од страна на САД, велејќи дека Вашингтон не презентирал докази во поддршка на неговите тврдења за перење пари.

Набргу потоа, Централната банка на Мексико објави дека привремено го презема управувањето со две од трите санкционирани институции – Сибанко и Интерком Банко – со цел да ги заштити доверителите.

Министерството за финансии на САД вчера објави дека за 21 ден ќе воведе санкции врз двете споменати банки, како и врз брокерската фирма „Вектор Каса де Болса“, тврдејќи дека тие го олесниле трансферот на милиони долари до мексиканските нарко-картели.

Шајнбаум се обрати до јавноста веќе следниот ден и рече дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не презентирала докази дека овие институции переле пари, иако од нив постојано се барало да го сторат тоа.

„Ние нема да покриваме никого, тука нема неказнивост. И тие мора да можат да покажат дека навистина имало перење пари, но не со зборови, туку со силни докази“, рече Шајнбаум, а санкционираните банки реагираа со слични обвинувања против Вашингтон – дека тој не доставил докази за своите тврдења.

САД тврдат дека можат да го сторат ова без јавно објавување на докази ако постојат „разумни основи“ да се верува дека осомничените институции биле вклучени во перење пари поврзани со трговија со дрога.

Шајнбаум рече дека мексиканските власти биле информирани порано од САД за обвинувањата и дека е спроведена истрага, дека се откриени „административни прекршоци“, но ништо слично на она што го тврди американското Министерство за финансии.