Шаховски игри во образованието – што ги очекува учениците од 1 септември?

На дваесетина дена пред стартот на учебната година расте тензијата околу новите наставни програми, доцнењето на учебниците и амбициозните планови за овогодишниот образовен циклус.

На дваесетина дена пред стартот на учебната година расте неизвесноста околу новите наставни програми, доцнењето на учебниците и амбициозните планови коишто ги најавуваат надлежните институции за овогодишниот образовен циклус. Откако лани со измени се соочија учениците во прво и четврто одделение, годинава по нови настани програми ќе учат децата во второ и петто одделение. Како изборен предмет на листата би можело да се најде и изучувањето на шахот – којшто се смета дека ја подобрува концентрацијата и меморијата, но влијае и на математичките вештини, читањето, логичкиот начин на размислување, креативноста и критичкото размислување. Ова се само дел од придобивките за едно дете со изучувањето на шахот, кој од септември ќе биде на листата изборни предмети во основните училишта за деца од прво и второ одделение. Годинава учениците се враќаат во клупите на 1 септември, а од идната година можно е школската година да започнува на 10 септември и да трае до 20 јуни, по теркот на Албанија и Хрватска.

Нова концепција

Што ги очекува основците од 1 септември? Ова е дилемата со која се соочуваат и родителите и децата по најавите дека годинава започнува учењето по новата Концепција во второ и во петто одделение. Бирото за развој на образованието веќе ги објави наставните програми – но неизвесно е дали и новите учебници ќе стасаат навреме, со оглед на тоа дека сме пред прагот на новата учебна година.

Наставните програми за второ и за петто одделение, содржат низа новини. Петтоодделенците ќе имаат нови предмети, кои се спој од два предмети. Така, нов предмет е Историја и општество, како и Техничко образование и информатика. Од Шаховската федерација на Македонија, пак, стигна најава дека од новата учебна година, шахот ќе биде изборен предмет за децата од прво и второ одделение, откако нејзината програма била прифатена од Бирото за развој на образованието.