
Четириесет и осумгодишниот Мишел е поранешен премиер на Белгија, а од крајот на 2019 година е на чело на Европскиот совет.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе се кандидира за избор во Европскиот парламент (ЕП) во јуни и ќе се повлече од сегашната функција доколку биде избран, соопшти тој вчера во интервју за белгискиот весник „Стандард“, пренесе БТА.
„Одлучив да се кандидирам на европските избори во 2024 година. Ако бидам избран, ќе седнам на моето место (во Европскиот парламент). Европскиот совет може да го предвиди развојот и да го одреди (мојот) наследник до крајот на јуни-почетокот на јули“, изјавил Мишел.
Четириесет и осумгодишниот Мишел е поранешен премиер на Белгија, а од крајот на 2019 година е на чело на Европскиот совет. Тој ќе се кандидира за Европскиот парламент како водечки кандидат на неговата партија, белгиското централно-десничарско Движење за реформи, пренесува „Стандард“.
Шарл Мишел припаѓа на истата генерација лидери како францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел.
Мишел е адвокат по образование и успеа да постигне компромис меѓу европските лидери бранејќи различни интереси во контекст на големи кризи.