Претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел за француското радио „Франс Интер“ рече дека е потребен дијалогот со Москва.
„Сигурно е дека мора да го одржиме отворен дипломатскиот канал, дури и ако на краток рок надежите се ограничени на ова поле. Тоа е ДНК на Европската Унија“ – изјави тој.
Додека се погласни се барањата за затворање на украинскиот воздушен простор – со цел да се спречи бомбардирање на цивили, Шарл Мишел појаснува зошто НАТО одбива такво нешто.
„Таков чин во сегашните околности би се сметал дека НАТО влегува во војната, а со тоа и ризик од Трета светска војна“ смета тој.
Вели дека во последните месеци, за време на долгите руски разговори со Владимир Путин, ја набљудувал неговата „опсесија“ за Украина, Донбас, Крим, договорите од Минск.
„Мораме многу сериозно да го сфатиме она што се случува во Украина, која е бедем за заштита на вредностите што Украина ги избра“ – изјави претседателот на Европскиот совет.
Мишел се осврна и на прашања што треба да се дискутираат на самитот на ЕУ во Версај на 10-11 март.
„Ќе разговараме за проширувањето на Европската Унија, вклучувајќи ги и Грузија и Молдавија, дури и доколку тоа биде тешко и доколку предизвикува несогласувања меѓу нас. Ќе дискусираме во Версај за да ја разјасниме нашата позиција за европската иднина на нашите соседи“ – рече Мишел.