Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди кон европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана.
Ова денеска го порача од Скопје шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин Бујар Османи и министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски кои се во посета на земјава.
-Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. Земјата чека 18 години да дојде до овој момент. Сега вам ви останува да го искористите овој момент. Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата – порача Шаленберг.
Тој нагласи дека не се случува секој ден тројца министри на три членки на ЕУ да дојдат во земја на Западен Балкан, што, како што кажа, треба да биде силна порака за вас
-Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии – рече тој.
Порача и дека задача на сите граѓани од оваа држава е да не отидат залудно сите овие напори.